Поради врнежите од дожд и снег во изминатите 24 часа, на повеќе локации низ земјата е регистрирано зголемување на водостоите на реките. Од Центарот за управување со кризи информираат дека состојбата се следи континуирано и дека надлежните служби постапуваат согласно потребите на терен, при што засега нема пријави за поголеми штети во дел од регионите.
Во Кумановскиот регион, на подрачјето на општините Куманово, Липково и Старо Нагоричане, водостоите се зголемени, но нема опасност од излевање. Во Кратово е зголемено нивото на Кратовска и Крива Река, исто така без излевање.
Во Пелагонија е регистриран одрон на магистралниот пат Е-65 кај Битола, а Сива Река се излеала во близина на Хераклеа. Во Новаци нивото на Црна Река достигна околу 280 сантиметри, додека во Демир Хисар е забележан зголемен водостој без значителни излевања. Најсериозна е состојбата во Кичево, каде се евакуирани 250 лица односно 63 семејства, за кои се обезбедени храна, вода и неопходна поддршка.
Комуналните служби работат на расчистување и продлабочување на коритото на Зајашка Река и на чистење на канализационата мрежа, додека Територијалната противпожарна единица интервенира со испумпување вода од подруми на повеќе улици по пријави од граѓани.
Т.Д.
