Опасноста од излевање на реките денеска е намалена, но состојбата сè уште не е целосно стабилизирана. Водата од критичните точки постепено се повлекува, особено во кичевскиот регион, каде што состојбата полека се нормализира. Сепак, во западниот дел од земјата дел од водостоите остануваат високи објасни Атанас Угрински, кој е помошник раководител на Секторот за хидрологија при УХМР. Угрински предупреди дека во горниот дел на сливот на Вардар се уште постојат ризици за излевање на реката.
„Во гостиварскиот и полошкиот регион водостојот сè уште е на критично ниво и постои опасност од локални заезерувања и излевање на реката“, вели Угрински.
Тој објаснува дека во текот на денот се очекува стабилизирање на состојбата поради заладувањето и промената на ветерот.
„Ветерот го менува правецот од јужен во северен, што ќе донесе врнежи од снег на повисоките планини. Со тоа ќе се намали водотекот, а во текот на ноќта се очекува целосен престанок на врнежите“, посочува тој.
Според Угрински, поплавите не се резултат само на обилните врнежи.
„Поплавите не се случија само поради дождот, туку и поради топењето на снегот. Постоеше создадена подлога и заситена почва поради повеќемесечните врнежи, што ги зголеми и водостоите и нивото на подземните води“, нагласува Угрински.
Во изминатите месеци, од ноември наваму, Македонија беше под влијание на циклонски активности од Џеновскиот залив, што доведе до постојани повремени врнежи и надпросечни водостои. Токму таа комбинација од фактори создаде предуслови за денешните поплави.
Т.Д.
