За над 5 отсто поскапа храна сме купувале во јануари во однос на истиот месец лани. За овој период статистика измери и повисока инфлација од 3, 2 проценти.
Најголем скок на цените се забележува повторно кај овошјето, единствено поевтинување има само кај зеленчукот.
Иако во однос на инфлацијата од 4,1 процент, со колку што ја завршивме 2025 година, сега има благо попуштање, повторно се забележува дека за една година, поскапување има во речиси сите ставки, освен кај транспортот и услугите во образование.
Цени на храна споредба јануари 2025 со јануари 2026
Храна и безалкохолни пијалаци 5, 1 %
Жита и производи од жита 2,1 %
Живи животни, месо и други делови од заклани копнени животни 9,5 %
Риба и морски плодови 1,9 %
Млеко, млечни производи и јајца 6,7 %
Масла и масти 3,8 %
Овошје и јаткасто овошје 17,5 %
Зеленчук – 8,5 %
Шеќер, слатки и десерти 11,4 %
За една година трошоците, пак, за облека и обувки пораснале за 1,2 отсто, кај здравствената заштита за речиси 3 проценти. Пораснати се и трошоците за вода, за струја, за домување, за покуќнина, а цените во рестораните и услугите за сместување скокнале за 4, 8 отсто.
Статистички, инфлацијата иако попушта, во анкетите граѓаните постојано се жалат и велат дека состојбата во маркетите е многу поразлична. Забележуваат дека секојдневно цените растат и дека одамна нивните месечни примања не можат да ги покријат основните потреби. И покрај скапотијата која ја опишуваат граѓаните, премиерот тврди се водат домаќински политики во интерес на државата.
Владините проекции за годинава се дека инфлацијата ќе биде под 3 отсто.
Познавачите, пак, забележуваат дека цените во земјава ги диктираат неколкумина и дека е потребен влез на нови ланци маркети во земјава за да се зголеми конкуренцијата.
Ирена Чачкова
Б.С.
