Почнаа вонредните контроли на сите фирми кои имаат лиценци за одгледување на медицински канабис по налог на Владата и како резултат на заплената на 40 тони марихуана која незаконски се чувала и третирала.
Проверките ги врши комисијата формирана од министерството за здравство, во соработка со полицијата. Најдоцна за 45 дена, Владата ќе треба да добие извештај за нивното работење.
„Од денеска почнуваат вонредните контроли заедно со МВР. Ќе мора да се проверуваат 43 лиценци за производство на медицински канабис. Завчера на владина седница се донесе одлука за именување на членови на меѓуресорската комисија. Човек од министерството за здравство ќе раководи со неа“, најави Азир Алиу, министер за здравство.
Алиу информира дека во вторникот на владина седница побарал законски измени што ќе му овозможат на министерот да има ингеренции да формира повеќе од една комисија. Комисијата дава согласност за издавање на лиценца и должна е двапати годишно да ги проверува фирмите кои одгледуваат медицински канабис.
Комисијата, според министерот, работела во континуитет, но немаше конкретна бројка колку контроли направила.
Сè уште не се именувани нови членови на Меѓуресорската државна комисија за борба против недозволено производство, трговија и злоупотреба на дроги. Онаа што била формирана во 2017 година, а потоа имало промена на дел на членовите во 2020 година, не поднела ниту еден извештај.
Комисијата која требало да контролира одредени злоупотреби речиси девет години не ја вршела својата намена. Од новата комисија ќе се бара да се состанува еднаш месечно.
Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека неколку фирми се под постојан надзор. Повтори дека очекува заплена до 100 тони и дека е спорен правилникот од 2023 година со кој може да се одгледува медицински канабис кој не ги задоволува стандардите и од него да се направи квалитетно масло и тоа било почетокот на организираниот криминал.
„Во однос на правилниците, има два – еден стар и уште еден. Нашите експерти од Министерството за здравство и двајца универзитетски професори го аналираат правилникот согласно законските решенија. По анализите, ако има потреба, ќе покренеме постапка за правилниците“, изјави Азир Алиу, министер за здравство.
Инаку, согласно законот, требало да биде формирана и Агенција за канабис за здравствени цели, но ова тело останало на хартија. Сè уште се истражува поврзаноста на запленетите пет тони марихуана во Србија, кои тамошните власти тврдат дека се од земјава со одземените 40 тони од скопската „Алфафарм“ и две струмички фирми.
Марија Митевска
Б.С.
