Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), Марко Бислимоски поднесе оставка на функцијата. Регулаторната потврди дека Бислимоски денеска писмено го известил Собранието за оставката две и пол години пред завршување на мандатот, но не се наведуваат причините.
„Согласно Законот за енергетика и Статутот на РКЕ, се додека не се донесе одлука за престанок на функцијата претседател на РКЕ, Бислимоски ќе ја извршува функцијата. РКЕ ќе продолжи да функционира и да ги извршува надлежностите и обврските кои ги има, согласно Законот за енергетика“, соопшти Регулаторната комисија.
Финансиската полиција пред две недели поднесе кривична пријава против Бислимоски за злоупотреба на службената положба. Го товари дека не ѝ ја одзел навреме лиценцата на фирмата „Тритерол Петрол“, во сопственост на Љупчо Пецов Ѓаволот, кој е обвинет во случајот „Синџир“, со што ѝ овозможил на фирмата да направи промет од над 3 милиони евра и да заработи 230.000 евра.
Тој реагираше дека постапката за одземање била спроведена целосно, согласно законот и правилникот. Рече дека ќе им ги стави на располагање сите информации на надлежните институции, со цел да докаже дека не било направено никакво прекршување на законите. Одговарајќи на новинарско прашање, рече дека „времето ќе покаже дали имало политички притисоци“ за оваа кривична.
Бислимоски беше именуван за претседател на Регулаторната во 2018 година, а во 2023 година од Собранието доби уште еден петгодишен мандат, кој завршуваше во јули во 2028 година.
Со новиот Закон за енергетика од мај минатата година се отвори простор за претседател и членови на Регулаторната комисија да може да бидат именувани луѓе од управни и надзорни одбори на енергетските компании. Претходно се бараше најмалку две години пред изборот да не биле дел од менаџментот на енергетски компании.
Невладините реагираа дека со тоа се отвора простор луѓе од приватни компании кои имаат свои интереси да влијаат на носењето одлуки во Регулаторната.
Бислимоски ја водеше Регулаторната комисија во време на енергетската криза. ВМРО-ДПМНЕ во 2020 година, тогаш во опозиција, организираше протести пред Регулаторната поради поскапувањето на струјата. Во 2021 година Бислимоски беше нападнат од Аријанит Џафери, синот на Муса Џафери од ДУИ, затоа што регулаторна повела постапка за одземање на лиценцата на неговата фирма.
Срѓан Стојанчов
Бислимоски си поднесе оставка од претседателската функција на РКЕ
Б.С.
