Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) ја потврди појавата на болеста сипаници кај овци и кози на територија на општините Липково и Куманово, по што донесе Решение за спроведување на итни мерки за спречување на ширењето на заразата.
Болеста е потврдена во селата Лопате и Опае (Општина Липково) и Бедиње (Општина Куманово). По официјален ветеринарен надзор и спроведена епидемиолошка истрага, извршени биле клинички прегледи на животните и земени примероци за лабораториско испитување, со што било потврдено присуството на вирусот.
Во одгледувалиштето каде што е потврдена болеста, ќе се спроведе убивање на сите овци и кози под официјален ветеринарен надзор. Согласно донесеното решение, ќе се изврши и нештетно отстранување на мршите од убиените или угинатите животни.
Дополнително, ќе биде уништена или нештетно отстранета и простирката, како и цврстото и течното ѓубре за кои постои сомнение дека се контаминирани. Особено внимание ќе се посвети на материјалите и средствата користени во текот на процесот на убивање кои, исто така, ќе бидат уништени или отстранети, согласно инструкциите на официјален ветеринар.
По отстранување на животните ќе се спроведе темелно чистење, дезинфекција и третман на објектите, опремата и возилата што биле во контакт со заразените животни.
Согласно решението на АХВ, околу потврденото жариште е воспоставена заштитна зона во радиус од три километри која ги опфаќа селата Лопате и Опае во Општина Липково и Бедиње во Општина Куманово. Дополнително е воспоставена и зона под надзор во радиус од 10 километри во која влегуваат места на територија на Општина Липково, односно Липково, Извор, Рунца, Алашевце, Глажња, Слупчане, Орашац, Матејче, Виштица, Ропалце, Ваксинце и Лојане. Како и на територија на Општина Куманово во местата Режица, Табановце, Сланиште, Горњо Коњаре, Долно Коњаре, Промет, Добрашане и Брзак.
Во овие зони се воведува забрана за движење и транспорт на овци и кози без одобрение, задолжителни клинички прегледи, евиденција на животните и засилени биосигурносни мерки.
Од Агенцијата апелираат до одгледувачите на овци и кози да пријавуваат секоја сомнителна појава на болест кај животните и строго да ги почитуваат пропишаните мерки. Непријавувањето на сомнителни случаи и непочитувањето на мерките може да доведе до дополнително ширење на болеста и сериозни економски последици. Сипаниците кај овци и кози се високо заразна вирусна болест која предизвикува значителни штети во сточарството, поради што се применуваат строги ветеринарно-здравствени протоколи за нејзино сузбивање.
Т.Д.
