Советот на јавни обвинители во вторник ќе даде мислење за сите пет кандидати за државен обвинител. Тие што ќе добијат позитивно мислење, ќе останат во битката за најмоќната обвинителска фотелја.
Претседаталот на Советот, Башким Бесими за Телма потврди дека на седницата нема да присуствува в.д. обвинителката Анита Тополова Исајловска, затоа што е една од кандидатите, заедно со обвинителките Лидија Раичевиќ и Ленче Ристовска, Ненад Савески и екс претседателот на Кривичен, Владимир Панчевски. Тоа што им е колешка во Советот по функција нема да бидат пристрасни, вели Бесими.
Новиот закон за јавно обвинителство, кој влезе во собраниска процедура, предвидува поголема јавност во постапката пред советот на јавните обвинители, но тој задоцни за овој избор на државен обвинител. Ако новиот закон беше донесен според првичниот рок од планот во реформската агенда во декември и огласот ќе беше распишан по новиот закон.
Со предложениот закон, задолжитлено е кандидатите да достават и програма за работа, нешто што досега не беше обврска и го правеа само некои од кандидатите. Новина е и тоа што Советот ќе треба да организира јавна седница на која кандидати кои ги исполнуваат условите, ќе ги презентираат своите програми.
Најмалку три дена пред одржување на оваа расправа, Советот ќе треба да ги објави и биографиите и програмите. Тоа што ова не е предвидено во актуелниот закон, не е пречка Советот да го направи.
Законот за јавно обвинителство доби позитивно мислење од Венецијанската комисија, а една од препораките беше наместо со просто мнозинство, како досега, државниот обвинител да се бира и разрешува со квалификувано мнозинство, но за тоа потребна е интервенција во Уставот.
Елена Ивановска Мукоска
