Со измени на Законот за здравствена заштита, до промени во процесот на вработување во јавното здравство. Собранието денеска даде „зелено светло“ за укинување на дискреционото право на директорите при избор на медицински кадар.
Сега, работодавецот ќе биде должен да ги избере најквалификуваните кандидати на конкурсите, кои ги усполнуваат условите за позицијата.
Предлог-законот беше поднесен од пратениците на опозициската Левица.
„Вкупно гласаа седумдесет пратеника, сите гласаа „за“, нема против и нема воздржани. Констатирам дека Собранието го донесе законот за дополнување на Законот за здравствена заштита“, кажа претседателот на Собранието, Африм Гаши, на денешната седница.
Државата сега ќе може да ги задржи најдобрите медицинари во Македонија, наместо да заминуваат во странство, вели лидерот на Левица и пратеник, Апасиев.
Предлогот доби поддршка од мнозинството, а од ВМРО-ДПМНЕ се на став дека тоа е дел од нивните заложби за систем на транспарентност, отчетност и одговорност во јавниот сектор.
„Со новата законска обврска ќе бидат избрани најдобрите кандидати. Подобро и прогресивно општество се гради само преку вреднување на трудот на најквалитетните умови, а со усвоениот закон на Левица се трасира патот во таа насока“, се вели во соопштението на Левица.
На пленарната седница немаше дискусија по предлог-законот. Истиот беше донесен по скратена постапка.
Петар Догов
