Најмалку десет лица загинаа, а 25 се повредени при напад со огнено оружје во средно училиште и во дом во местото Тамблер Риџ, во канадската провинција Британска Колумбија, соопшти полицијата.
Како дел од првичниот одговор, полицајците влегле во училиштето за да го лоцираат изворот на заканата. За време на пребарувањето, полицијата пронашла повеќе жртви. Лицето за кое се верува дека е стрелецот, исто така било пронајдено мртво од она што се чини дека е самоповреда. Шест дополнителни лица, не вклучувајќи го осомничениот, биле пронајдени мртви во училиштето. Две жртви биле префрлени со хеликоптер во болница со сериозни или животозагрозувачки повреди, а трета жртва починала при транспорт.
Осум жртви биле фатално застрелани во средното училиште, додека уште две тела биле пронајдени во блиска куќа.
„Во текот на истрагата, полицајците идентификувале и втора локација, за која веруваме дека е поврзана со инцидентот. Уште две жртви беа откриени починати во семеен дом. Полицијата продолжува со претреси и на други домови и имоти за да утврди дали има уште повредени во денешните инциденти“, изјави Кен Флојд, шеф на полицијата во Британска Колумбија.
Осомниченото лице, за кое властите веруваат дека е напаѓачот, било пронајдено мртво во училиштето со, како што се наведува, самонанесена повреда. Полицијата засега не го соопштува идентитетот, возраста на жртвите, ниту видот на употребеното оружје. Според медиумите, во итното предупредување испратено до жителите осомниченото лице било опишано како жена со кафеава коса облечена во фустан.
Игор Трајков
