По четири години од земјотресот што ја погоди Битола, деновиве граѓаните добиваат обештетување за пријавените штети, но во симболични износи. На социјалните мрежи објавуваат извадоци од банкарските приливи и ја исмеваат исплатата на штетите. Најниската сума што една битолчанка јавно ја сподели изнесува 54 денари, по што следуваат исплати од 80, стотина, 200, 300 денари. Битолчани се револтирани, но и се шегуваат на своја сметка.
- „120 денари ми дадоа, а куќата ми испука цела. Поарно ич да не ни даваа, ние да им дадевме“, вели битолчанец.
- „171 денар ми исплатија, а имав штета од 1.000 евра. Сега ми дадоа 2,5 евра – тоа е, ќе пијам едно кафе, вели друг граѓанин.
- „Со овие пари една вреќа цемент не може да се купи, ова е за охајбе (мајтап), коментираат граѓаните.
На 9 јануари 2022 година, Битола беше погодена од земјотрес со магнитуда од 5,6 по Рихтер. До Комисијата за проценка на штетите беа поднесени над 2.400 пријави за оштетувања. Владата во 2024 година донесе одлука да се исплатат само 5 отсто од вкупно проценетата штета од околу 600 илјади евра за сите битолчани. Но, Општина Битола започна со исплата дури сега, бидејќи во изминатите две години ги комплетирала податоците за оштетените.
„Средствата се префрлени на наменска сметка на Општина Битола на ден 24.12.2024 година.
Доцнењето со исплатата на средствата добиени од Владата е поради погрешно доставени податоци на дел од оштетените физички и правни лица, како и поради згаснати банкарски сметки. Бидејќи исплатата се прави со еден налог за сите 2.435 физички и правни лица, истиот не може да се реализира доколку се наведени погрешни податоци“, се наведува во одговорот од Општина Битола.
Проценката на штетите ја вршеше Комисија составена од 20 члена, а според одлука на Советот, на членовите им се исплаќаше надомест од 360 денари по предмет.
Емилија Мисирлиевски
