По неколку дена од заплената на 40 тони марихуана во земјава министерот за внатрешни работи Панче Тошковски кој досега не излезе на прес-конференција преку видео објавено на социјалните мрежи се обрати во јавноста во друштво на премиерот Христијан Мицкоски и директорот на БЈБ, Александар Јанев.
Од местото каде се чувa заплената, Тошковски изјави дека марихуаната е незаконски третирана од фирмите. Премиерот Мицкоски повтори дека ќе се проверуваат сите фирми за одгледување на медицински канабис.
На видеото се гледаат наредените картонски кутии во хангар кој го чуваат припадници на специјалните полициски единици. Од МВР не откирваат каде е сместена запленетата марихуана бидејќи локацијата е класифицирана како државна тајна од безбедносни причини поради количината на дрогата.
Поради тоа, тврдат дека не биле повикани новинарски тимови за да ја покријат и известуваат јавноста за посетата на премиерот, министерот и полицискиот врв на локацијата.
Тошковски и Мицкоски во видеото соопштија дека продолжува истрагата и дека пропустите се правени во претходните мандати. Повторија дека станува збор за марихуана која била незаконски одгледувана и чувана во три фабрики со лиценци за марихуана.
Миомир Серафиновиќ
