Рафет и Феим Мемишовски од Битола јавно им се извинија на државниот врв за заканите упатени за време на протестите поради одземените возила на граѓани кои возеле без возачка дозвола. Извинувањето го објавија преку видеопораки на социјалните мрежи.
За време на блокадите во Битола тие изјавија дека ќе има убиства и тепачки доколку полицијата продолжи да ги конфискува возилата.
- „Се извинувам пред целата Влада и целото министерство, пред премиерот и претседателот што направив грешка и што се заканив. Ова нема да се повтори уште еднаш. Бев изнервиран затоа што на братучед ми му ја одзедоа колата, под стрес бевме сите. Се извинуваме“, вели Рафет Мемишовски во видеопораката.
- „Дојде син ми и ми кажа дека полицијата му ја зела колата. Јас се возбудив, кој и да беше истото ќе го направеше, но згрешив. Се извинувам што се однесував така безобразно кон власта и премиерот“, рече Феим Мемишовски.
Револтирани граѓани на 3 февруари го блокираа магистралниот пат Охрид – Прилеп кај Битола, а протестите се проширија и во други градови. Тие бараа да се укине мерката за одземање возила при возење без дозвола.
По изјавата на премиерот Христијан Мицкоски дека од МВР побарал жесток одговор за заканите и нарушувањето на јавниот ред и мир, протестите престанаа.
Независниот полицискиот синдикат поднесе кривични пријави за заканите кон полициските службеници.
Емилија Мисирлиевски
Б.С.
