До Советот на јавни обвинители сè уште не се доставени пријавите од кандидатите за избор на нов државен јавен обвинител. Претседателот на Советот, Башким Бесими, рече дека ќе постапи веднаш штом документацијата пристигне во законскиот рок од 15 дена, а имињата на кандидатите се познати во јавноста.
Меѓу потенцијалните кандидати се сегашната в.д. државна јавна обвинителка Анита Тополова-Исајловска, обвинителката Ленче Ристовска, судијата Ненад Савевски, поранешниот претседател на Кривичниот суд Владимир Панчевски и обвинителката Лидија Раичевиќ.
По добивањето на мислењето од Советот, Владата ќе го утврди предлогот за избор и ќе го достави до Собранието, каде со 61 глас се избира новиот државен јавен обвинител.
Советот денеска ја одложи седницата поради немање кворум, на која требаше да се разгледуваат и други точки, вклучувајќи дисциплински предмети и огласи за избор на јавни обвинители во Основните обвинителства во Ресен, Крива Паланка и Кочани.
