Весна Софрониеска од Битола е лице со оштетен вид кое користи личен асистент. Но веќе втор месец е принудена секојдневните активности да ги извршува сама, бидејќи на асистентите не им се продолжени договорите за јануари и февруари.
„Јас и мојот сопруг сме слепи лица. Како се снаоѓаме? Како што знаеме и умееме. Тешко е, бидејќи знаете дека нашиот град е непристапен, тешко се движиме по блокираните улици со стапче, 90 проценти од улиците се без тротоари. Многу е тешко да се живее без лични асистенти“, вели Весна Софрониеска, лице со оштетен вид.
На денешниот протест тие побараа поголема контрола од страна на институциите во процесот на утврдување на степенот на оштетување на видот, бидејќи, како што велат, се случуваат злоупотреби.
„За нас што сме 100 проценти слепи, персоналните асистенти навистина ни се неопходни, но тие треба правилно да се распределуваат. Нам ни е потребна сериозна помош“, вели Сашка Дојчиновска, лице со оштетен вид.
Асистентите бараат одговор дали договорите ќе им бидат продолжени и кога, бидејќи дел од нив веќе втор месец се без егзистенција и се принудени да бараат друга работа.
„Личните асистенти се оставени без средства за основна егзистенција. Бараме итно потпишување на договорите и писмено известување за точен датум за нивна реализација“, изјави Светлана Ивановска Чулаковска, персонален асистент.
Од Министерството за социјална политика велат дека ја разбираат загриженоста на лицата со оштетен вид и нивните лични асистенти, но додаваат дека постапката е во тек.
„Веднаш по завршување на постапката и конечноста на решенијата, ќе се склучат договорите и средствата ќе почнат да се исплаќаат по корисник на месечна основа. Министерството вложува напори постапката да заврши што е можно побрзо, со цел личните асистенти да се вратат на работа, а лицата со попреченост повторно да ја добијат неопходната поддршка за секојдневно функционирање“, соопшти Министерството за социјална политика.
Во Битола има околу 300 лица со оштетен вид и околу 40 лични асистенти, кои добиваат по 245 денари на час за услугата и можат да опслужуваат по двајца корисници.
Емилија Мисирлиевски
