Иднината на техничката влада „се крши“ на масата за политички договор, каде што партиите мерат помеѓу потребата од контрола и амбицијата за изборна предност. Дали ќе опстане или ќе се укине, зависи од политичкиот консензус.
Владата со оценка дека демократскиот капацитет на институциите веќе е потврден со укинувањето на 26-годишниот постмониторинг дијалог од страна на Советот на Европа. Политичкото признание дека државата напредувала во делот на демократијата, правата и институциите, според премиерот Мицкоски, ја прави излишна потребата од дополнителни уверувања за фер изборен процес.
Опозицијата, пак, е на став дека општеството сѐ уште не доволно зрело за да се укине моделот со техничка Влада.
„Прво, ги убеди Стразбур вчера со укинување на постмониторингот. Еве ако не му веруваат на Христијан, нека читаат што пишува во извештајот. И второ, дури и тоа да е така, еве на следните избори повторно нека има техничка Влада. Ако имаме редовни во 2028 година, јас ќе си дадам оставка во јануари во 2028 година. Не е тоа проблем. Само да им удоволиме на следните избори да има техничка Влада. Па они нека повелат, нека се организираат, нека победат и потоа на тие некои следни избори нема да има техничка Влада. Не можам јас место нив да победувам на избори“, изјави премиерот Мицкоски.
Собранискиот спикер Африм Гаши, вчера во изјава за медиумите, порача дека во моментов не е пристигнат конкретен предлог до Собранието, нагласувајќи дека станува збор за чувствително прашање кое бара поширок политички договор, а не наметнати решенија.
„Ако се настојува да се пристапи инаетчиски или унилатерално и тврдоглаво да се застане зад некој став, тоа е друга работа. Но, треба да се аргументира“, кажа собранискиот спикер Африм Гаши, во вчерашната изјава за медиумите.
Иако законот, како што посочи, дозволува ваква одлука и без согласност од СДСМ, Гаши оцени дека пратениците не треба да се стават пред свршен чин, туку дека во овој момент е неопходен дијалог. За ова прашање пред неколку недели се одржа и лидерска средба.
Петар Догов
