Без плата, нема работа. Празните сметки на над илјада вработени ја запреа работата на Македонски пошти. Синдикатот што го организира протестот велат дека ова не е прво доцнење на платите, ниту, пак, ќе биде последно доколку во најкраток можен рок не им бидат исплатени заработените средства. Тие алармираат дека проблемите со кои се соочуваат во секојдневното работење се резултат на долгогодишно лошо менаџирање и недомаќинско работење на Поштата.
Од раководството на Македонски пошти велат дека платите ќе бидат исплатени во текот на денот и дека вработените биле навремено информирани за тоа. Правото на протест е велат легитимно, но ги замолија колегите да не подлегнуваат на како што велат злонамерни движења и поединци кои имаат политички придобивки.
„Вистина е дека оваа состојба се повторува неколку пати во текот на годината,и лично изразувам солидарност и искрено жалење кон вработените, а воедно континуирано работам на унапредување на условите. Од наредниот месец реформите ќе започнат да даваат резултати, а во блиска иднина трендот на позитивни резултати ќе биде само во пораст“, изјави Орхан Куртиши, директор на Македонски пошти.
Вработените, покрај неисплатените плати, се жалат и на лоши услови за работа простории без греење и без основни услови за непречено извршување на работните задачи.
Симона Петровска
Дигитална обработка: T.Д.
