Претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта, по Самитот ЕУ–Западен Балкан во Брисел порача дека властите на Македонија „знаат што треба да направат“, изразувајќи надеж за вистински напредок во 2026 година.
Тој ги поздрави чекорите на земјата за зголемување на регионалната поврзаност и ја потврди силната поддршка на ЕУ за европската иднина на регионот. Кошта нагласи дека проширувањето на Унијата е процес базиран на заслуги, а не натпревар меѓу кандидатите, потенцирајќи дека оние што напредуваат побрзо треба да го одредуваат темпото.
Според него, проширувањето е геополитички, економски и политички вистински избор, кој придонесува за побезбедна и попросперитетна Европа. Во изјавата тој оцени дека земјите од Западен Балкан бележат напредок, посочувајќи ги Црна Гора и Албанија како примери за забрзани процеси.
Кошта истакна дека надминувањето на минатото и спроведувањето тешки, но неопходни реформи се клучни за целосна интеграција, додавајќи дека ЕУ ќе остане најсигурен партнер на регионот.
