Собранието денеска на продолжение на 76-та седница треба да гласа за Предлог законот за ратификација на Договорот помеѓу Владата на Република Северна Македонија и Владата на Република Бугарија во врска со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел.
Договорот беше потпишна во Ѓуешево на 6 ноември од страна на вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски и неговиот бугарски колега Гроздан Караџов.
Со него се уредуваат техничките, финасиските, правните и организациските прашања поврзани со подготовката, изградбата и оперативноста на меѓуграничниот железнички тунел во насока Софија-Ѓуешево – Крива Паланка-Скопје.
Проектираната должина на тунелот е околу 2,4 километри од кои 1,2 километри на територијата на државава.
На дневен ред на седницата се и Предлог на закон за изменување на Законот за буџети и Предлог на закон за изменување и дополнување на Законот за експропријација, по скратена постапка.
