Премиерот Христијан Мицкоски учествува на Самитот ЕУ-Западен Балкан во Брисел, кој го води претседателот на Европскиот совет, Антонио Кошта. На состанокот учествуваат и лидерите на останатите земји кандидати за членство, како и високата претставничка на ЕУ за надворешни работи, Каја Калас. Главни теми се стратешкото партнерство, постепената интеграција на регионот во ЕУ, Планот за раст, безбедноста и одбраната.
Лидерите ќе разговараат и за економската интеграција преку Планот за раст, како и за заеднички напори во безбедносни прашања, управување со миграција, борба против корупција и организиран криминал.
За првпат по 14 години, пак, Србија нема да биде претставена на Самитот. Претседателот Александар Вучиќ објасни дека донел одлука ниту тој, ниту друг функционер да присуствува, а земјите-членки на ЕУ наведуваат дека за отворање на преговарачкиот кластер 3, Србија мора да постигне понатамошен напредок во владеењето на правото и нормализацијата на односите со Приштина.
