Надворешно го реконструирав ликот на Дада, а всушност сѐ мораше да се направи од внатре. Вака големата српска и регионална актерска ѕвезда Аница Добра, го објаснува патот до ликот на Дада, во филмот „ Бело се пере на деведесет“. Тој за три недели прикажување во Словенија привлекол над 50 000 гледачи, а освоил награда од публиката на фестивалот во Сараево и награда за актерски креации за Леа Цок и Аница Добра, на фестивалот во Херцег Нови. Добра вели дека за улогата на бабата учела словенечки јазик, а за нејзината појавност гледала фотографии од оригиналната личност.
- Јас се обидов надворешно да ја реконструирам Дада, во физичкиот изглед, во гардеробата, во фризурата. Така , како што изгледаше. Тоа е малечка помош, а всушност сѐ мораше да се прави од внатре, рече Аница Добра, актерка, добитничка на наградата „ Павле Вујисиќ“ за животно дело, за особен продонес во српската, регионалната и светската кинематографија.
„ Бело се пере на деведесет“ раскажува за растењето и созревањето на девојчето Броња, во изведба на Леа Цок, која се соочува со повеќе трагични настани во семејството . Филмот е снимен според истоимениот роман-бесцелер на словенечката новинарка и писателка Броња Жакељ, а преведен е на десетина светски јазици.
- Овде некаде живее мојот свет на емпатија, кој што можев веднаш да го ставам во мојот уметнички јазик. И како да кажам, на некој начин се запознав со себе и разбрав дека сите сме Броњи, кажа Леа Цок, актерка.
Дејсвието на филмот, во режија на Марко Набершник, се случува во 80- години на минатиот век во Словенија, а и динамиката на фабулата е својствена за тоа време.
- Марко како режисер, тој има 53 години, така некако. И вели, јас можам да снимам филмови такви, на какви пораснав. А, тој порасна со кинематографијата од 80 -тите, рече Алеш Павлин- продуцент на филмот , од Словенија.
Филмот е копродукција меѓу Словенија, Италија, Србија, Црна Гора и Македонија. Наш претставник е продукцијата „ Црна мачка“.
- Мешањето на екипите и таа синергија која што се создава помеѓу екипата секогаш е многу подобра. Носи многу новитети, вели Томи Салковски од Продукцијата „ Црна мачка“.
„ Бело се пере на деведесет“ ќе се игра во Cineplexx од крајот на оваа или на почетокот на следната година, дополни Салковски.
Сотир Трајков
