Анкетна комисија се формира за утврдување на одговорност за носители на јавни функции. За претходните случаи (Ласкарци, модуларната болница во Тетово и за „Беса транс“) имаме три правосилни пресуди, што значи дека Собранието не може и не смее за нешто што е „res judicata“ пресудена работа да расправа, рече универзитетскиот професор Борче Давитковски во вечерашната Топ Тема на Телма.
- Парламентот сака да ги преиспитува пресудите на судската власт што не е дозволено никаде во светот. Втората теза дека сакаат да се преиспита случајот за Кочани исто така е задоцнето затоа што тоа се прави во моменти кога се случила несреќата до четири – пет месеци, односно не по почнувањето на судскиот процес. Нема никаква логика парламентот да расправа, да биде полиција, обвинителство и суд, во случај кога веќе имаме актуелен процес и тоа е директно мешање во судската власт, истакна Давитковски.
Според професорот Давитковски нашиот парламент, комплет сите 120 парламентарци „ја преспаа“ трагедијата во Кочани, тоа е факт.
- Сите реагираа но не и парламентот, немаше ни комеморативна седница. И сега „пост фактум“ кога веќе обвинителството покрена обвинение, кога веќе почна судскиот процес, нема што да одлучува парламентот, нема веќе надлежност, туку се работи за кривично – правна одговорност. Политичката одговорност е секундарна, сега се утврдува кривично – правната. Ако некој од носителите на извршната власт требало да одговара, најверојатно обвинителството требало да покрене обвинение против него, вели Давитковски.
