Вести Македонија Најважни

Родителите на загинатите деца во „Пулс“ гневни на адвокатите кои велат дека обвинението е хаотично

Со тага, но и револт и гнев од родителите на загинатите деца во кочанската дискотека искажан кон адвокатите особено од нивниот град заврши денешното рочиште во најголемиот судски процес во земјава.

Додека полицијата ги спроведуваше оние кои се во притвор, а останатите обвинети кои се бранат од слобода заминуваа од споредниот влез, родителите вознемирени излегуваа од судницата.

„Монструмите ја убија. Тие сега шо ги бранат. А детенце од една годинка остави. Што ќе бранат кога е јасно како ден има 63 жртви шо ќе бранат? А барем адвокатите од Кочини да не се појавуваат тука да не ги гледаме. Барем адвокатите да имаа милост спрема нас. Секојдневно веќе осум месеци не убиват“, изјавија родителите на загинатите чеда. 

На револтот му претходеше рочиштето на кое дел од адвокатите истакнаа дека обвинението кое го добиле е хаотично. Доказите се несредени и не можат да се најдат за кој дел од обвинението се однесуваат, времето во кое се случувало кривичното дело е променето од првично посоченото, а обвинетите и воопшто го немаат добиено како што истакнаа речиси новото обвинение. Побараа од судот да им даде време за да го прочитаат и обвинетите.

„Несериозно е од обвинителството да не достави па макар и вакво интегрирано обвинение на обвинетите затоа што денес ни претстоЕше изјаснување на вина. Како некој ќе се изјасни за вина, ако го нема она да го прочита за што е обвинет?“ изјави и праша Ѕвонко Давидовиќ, адвокат.

„Ако дозволиме било што да поминува како што посакува обвинителството ние на крајот на денот нема да дојдеме до она што за што сите се залагаме, а тоа е одговорните лица да ја сносат одговорноста невините лица што доста ги има во овој предмет со оглед на квалификацијата на делото да бидат ослободени од вина“, рече Петре Шилегов, адвокат.  

Ваквата состојба се случи бидејќи на минатото рочиште имаше спојување на првичното обвинение со она за сопственикот на фирмата за обезбедување на диското. Обвинителството се бранеше дека нема суштински промени а менувањето на времето во кое се случило делото го нарече техничка грешка. Судијката го прифати ваквото објаснување. Сепак го одложи и утрешното рочиштето посочувајќи дека сепак обвинетите мора да имаат време да се запознаат со материјалот.

„Ние родителите на починатите деца бараме само правда“, потенцираа родителите.

Инаку денес обвинителите беа во многу помал број и не говореа за јавност. Од адвокатката на првообвинетиот Дејан Јованов сопственик на „Пулс“ се дозна дека обвинителство од 283 предложени сведоци ќе повика само 35. Во процесот се обвинети 35 мина и три фирми. Ова се смета за најобемен процес до сега, со најмногу засегнати. Оо пожарот имаше 63 жртви и повеќе од 220 оштетени.

Билјана Николовска

Дигитална обработка: T.Д.

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Oдделот за имунологија на Детската клиника нема да функционира – пациентите ќе се препраќаат на други оддели

Дејан Дејан

Привремен прекин на системот „МојДДВ“ поради техничка надградба

Дејан Дејан

Во земјоделското училиште во Битола се запишале три деца – Јаневска вели наставниците не биле доволно ажурни и не успеале да привлечат ученици

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе