Буџетските корисници, односно институциите, за првпат се случува да не учествуваат во подготовка на буџетот, рече Јована Тренчевска од СДСМ во вечерашната „Топ тема“ на ТВ Телма, која буџетот го опиша како недомаќински и лош.
„Да нема комуникација, да нема преговарање со министерот за финансии, значи дека овој буџет, кога не се прашани буџетските корисници што им е потребно, кој не ги одразува реалните потреби на институциите, а со тоа и на граѓаните“, истакна Тренчевска.
Според неа, проекциите во самиот буџет се нереални и премногу нереално оптимистички.
„Дури се и манипулативни. Имаме дефицит кој што се проектира на 3,5 посто, повторно надвор од законот за буџети и повторно не се почитува законот за буџети. Имаме нереален раст на БДП од 3,8 проценти, а сите меѓународни институции велат дека растот на БДП во 2026 година би се движел од 2,4 проценти до најмногу 2,7 проценти. Имаме нереална проекција на инфлацијата од 2,5 проценти, исто така меѓународните институции укажуваат дека во услови сега кога имаме овие неколку месеци 4,5 проценти, нереално е во 2026 да имаме инфлација од 2,5 проценти, туку би се движела 3,3 проценти, па дури и повеќе. Сењто ова претставува една лажна слика, илузија за фискалната стабилност на државата“, нагласи Тренчевска.
Како што истакна, за првпат од кога се креира буџет, има намалување на капиталните инвестиции.
С.Д.
