Британската влада ќе го заостри системот за добивање азил во државата, преку повеќе значајни промени, кои во долниот дом на Парламентот денеска ги претстави министерката за внатрешни работи, Шабана Махмуд.
Според неа, целта на планот е да се корегира неуспешниот систем за азил и да се надминат поделбите во државата околу оваа тема, која директно придонесе за подемот на анти-имиграционата партија Реформа на Обединетото Кралство, предводена од Најџел Фараж.
Махмуд тврди дека новиот пристап кон правото за азил ќе ги обесхрабри мигрантите кои не остануваат во првата безбедна држава во која ќе влезат и се обидуваат да добијат сместување во земјите кои ги сметаат за најатрактивни.
Со предлогот, моделиран според данскиот систем, бегалскиот статус ќе биде привремен, процесот за жалби на лицата чии барања ќе бидат одбиени се скратува а за државите кои ќе одбијат да ги примат назад овие лица се предвидени забрани за доделување визи.
Според Махмуд, лицата кои ќе добијат азил, овој статус ќе го имаат само во период од две и пол години по што нивните случаи ќе мора повторно да се разгледуваат. Доколку земјата од која пристигнале во Велика Британија се смета за безбедна, овие луѓе ќе бидат депортирани.
„Додека дел од овие луѓе се бегалци, останатите се економски мигранти кои сакаат да го користат и злоупотребат нашиот систем за азил. Дури и вистинските бегалци минуваат низ другите безбедни земји, барајќи ја најатрактивната земја во која ќе побараат азил. Товарот кој падна на нашата земја е тежок. 400 000 лица побарале азил тука во последните 4 години. Над 100 000 луѓе сега живеат во сместувањата за азил. Дури и повеќето од бегалците користат бенефиции осум години по пристигнувањето. За британската јавност која ги плаќа сметките, системот е надвор од контрола и не е фер“ – изјави Махмуд.
Н.И
