Бирократијата ја одлага меѓународната експертиза за скандалот со непотребните операции на срце заради профит. Фактите до кои дојде македонскиот тим за околу две недели на онлајн состанок ќе се најдат и пред странските лекари.
Но, неизвесно е кога тие официјално ќе ја почнат истрагата бидејќи сè уште не се потпишани договори за нивниот ангажман.
Чекавме изборите да завршат за да ја започнеме постапката за ангажман на тројцата странски лекари. Тие допрва треба да ги потпишат договорите. Дотогаш ќе имаат онлајн состанок со македонскиот тим кој дојде до сознанија за непотребно извршени десет операции на отворено срце, изјави алиу.
Во меѓувреме се чекаат здравствените инспектори од ДСЗИ да ги проверат сомнежите за останатите шест случаи за кои интерната комисија нема надлежност. Дали документите се веќе во нивни раце од Инспекторатот засега не откриваат.
Скандалозните податоци за непотребните операции здравствени власти ги обелоденија вчера, но не ги кажаа имињата на болниците, ниту пак дадоа податоци за тоа во каква состојба се пациентите кои завршиле под нож без медицински индикации.
Потврдените сомнежи силно ја вознемирија јавноста. Граѓаните коментираат дека ова дополнително ја намалува довербата во македонското здравство.
Мислам дека не требаше прерано да ја даваат информацијата. Требаше да почекаат да заврши истрагата зошто сега вака само го бунат народот. Се јави непотребен страв и сомнеж. Кога ќе заврши се и ќе се утврди вистината тогаш нека преземат мерки и нека го информираат народот. Вака предвреме мислам дека е невкусно и контра продуктивно, ни рече еден граѓанин.
Скандалот во здравството повлече и партиски реакции.
Зошто не се објавуваат имињата на клиниките и лекарите кои стојат зад тие интервенции? Зошто по ваков огромен скандал не се поднесени веднаш кривични пријави и тие да бидат процесирани на останатите органи да постапуваат? Што се чека? Дали некој треба да биде заштитен? Дали некој да добие време да се извлече, да избега, да се скријат трагите, прашуваат од сдсм.
Сомнежите за непотребни операции на срце поради профит пред неколку месеци ги отвори кардиологот Сашко Кедев. Интерната комисија по три месеци ги потврди и откри дека 10 од 19 анализирани операции биле непотребно направени.
Тамара Марковска
