Малопродажната цена на дизелот од ноќеска на полноќ се зголемува за два денара по литар, а цената на другите горива останува иста, одлучи денеска Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ). Со одлуката се врши зголемување на малопродажните цени на нафтените деривати во просек за 0,59 отсто во споредба со одлуката од 27 октомври.
Новата малопродажна цена на дизелот ќе биде 70 денари за литар, Еуросупер БС-95 и натаму ќе се продава за 73,5 денари за литар, Еуросупер БС-98 ќе чини 75,5 денари, Екстра лесното масло за горење (ЕЛ-1) за 67,5 денари за литар, додека килограм метан останува 57,5 денари.
Од РКЕ посочуваат дека референтните цени на нафтените деривати на светскиот пазар во споредба со претходната пресметка бележат зголемување кај бензинитево просек за 2,434 отсто, кај дизелот за 4,809, кај екстра лесното масло за 4,463 и кај мазутот за 2,651 отсто.
