Вести Економија Топ вести

Нови санкции кон Русија – економистите предупредуваат на можен раст на цените, Мицкоски тврди подготвени сме

Дел од експертите предупредуваат, премиерот смирува. По новите санкции кон Русија од САД и ЕУ, познавачите во земјава сметаат дека може да се очекува нова криза која повторно би ги вивнала цените. Можеби нема да биде во оние размери како пред неколку години, но предупредуваат дека е можен нов удар кој нема да нè заобиколи.

„Би можеле да имаме пак еден нов удар на цените, но ќе зависи во која мера би бил, затоа што нели сите трошоци за транспорт и сите трошоци кои ги прави нафтата би влијаеле во цената на чинење на сите производи. А и кај нас во моментов кога ние минуваме низ ситуација на намалување на инфлацијата и тоа како би можело да има покачување на цените. Така што би можело да очекуваме некое поместување на цените на чинење на производите“, изјави за Телма економскиот аналитичар Абил Бауш.

Од бизнис секторот не очекуваат големо влијание. Сметаат дека во ваква ситуација сега потег треба да направи Министерството за надворешна работи и трговија.

„Не очекуваме од ваквите санкции да донесат проблеми и да влијаат на работата на компаниите и стандардот на граѓаните. Ако се јави недостаток на некои добра се надеваме дека ќе се најде начин да се надоместат од други места. Сметаме дека сега на потег е Министерството за надворешни работи и трговија“, соопшти Дурим Зеќири од Северозападна комора

Премиерот Мицкоски, пак, е сигурен – „криза нема да има, подготвени сме“.

„Не, нема да има. Ние сме подготвени. Тоа одамна го антиципиравме и заедно работиме со надлежните институции и министерства во рамки на Владата за тоа да не се случи“, тврди премиерот Христијан Мицкоски

Минатата недела и од Регулаторната комисија посочија дека недостаток на нафта и нафтени деривати по санкциите кои ги воведе САД кон руските нафтени компании Лукоил и Роснефт нема да има, но дека се можни промени во малопродажните цени кои, пак, зависат од курсот на доларот.

Европската Унија, пак, донесе одлука за забрана за транзит на руски гас преку ЕУ до трети земји. Но, по ваквиот потег министерката за енергетика Божиновска излезе со уверување дека проблем нема да има и покрај тоа што најголем дел од количините на гас во земјава се токму од Русија.

Претходно и Српската нафтена индустрија НИС беше вклучена во санкциите. Претседателот Вучиќ синоќа соопшти дека наредните седум дена ќе бидат клучни за националниот енергетски сектор. Ќе се преговара со руските европските и американските партнери.

Како причина за новите санкции кон руските нафтени компании беше наведено одбивањето на рускиот претседател Путин да го запре нападот врз Украина. За него ваквата одлука нема да придонесе за зајакнување на руско- американските односи.

Ирена Чачкова

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Франција втор ден по ред го регистрира најжешкиот ден во историјата

Igor Trajkov

Трпеноски: Ситуацијата во Македонија е како трчање на лента, можете да истрчате 10-15 километри, aма трчате во место

Sasko Dimovski

Меѓуетничките односи се сериозно нарушени, допрва ќе стигне фактурата – оцена на Селими за две години од промената на власта

Sasko Dimovski

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе