Речиси две години како не се исполнети барањата на синдикатот на контролори на летање кои беа прифатени од раководството на МНАВ, вели за Телма првиот синдикалец Александар Тасевски.
Неисполнетите барања беа причина за најавениот штрајк на контролата на летање кој со одлука на Управен суд беше стопиран. И додека се разгледува синдикалната жалба на Вишиот управен суд за штрајкот, барањата и натаму не се исполнуваат.
-Дел од барањата се поврзани со работењето во ноќни смени. Има барања за подобрување на работните услови во работните услови во работните простории. Има барање за подготовка на функционална анализа, која што треба да биде направена за да се добие точна слика за тоа каков кадар и од каков профил луѓе ни се потребни за да бидат вработени. Врз основа на таа анализа требаше да се изготви систематизација која според сите спогодби требаше да почне со примена од 01.01.2024., а веќе е крај на 2025-та година. Значи се доцни со неа речиси две години, ни изјави Александар Тасевски, претседател на ССКЛ (САМОСТОЕН СИНДИКАТ НА КОНТРОЛОРИ НА ЛЕТАЊЕ).
-Дефинитивно директорите без разлика од која гарнитура очигледно немаат желба за такво нешто бидејќи на таков начин би им се затвориле вратите за вработување на кадри за кои немаме потреба или не се оперативни. И ќе се покажат оие бројки зад кои стоиме, недостасуваат контролори на летање, недостасуваат инжинери кои што тие не сакаат да ги вработат. Веројатно, вработување на таков кадар не може да го фингираат, да го наместат. И тие да бидат нивни, објаснува Тасевски.
МНАВ пак вчера преку соопштение тврдеше дека Синдикатот признал дека организира незаконски штрајк поради неисполнетите барања од пред речиси две години.
МНАВ директно го обвини Тасевски за лично политиканство и дека со својата синдикална активност тој „свесно ја загрозува и внесува несигурност во секторот авио сообраќај и свесно го руши угледот на М-НАВ АД Скопје и на државата во целост“. Тасевски и синдикатот негираа.
-Очигледно дека беше спинувано и тенденциозно со погрешни формулации и погрешно кажани работи. Целта била најверојатно да се направи штета на нашиот синдикат и целата јавност да се доведе во заблуда, вели синдикалецот Тасевски по директорскиот напад врз него.
Од МНАВ сметаат дека штрајкот смее да го организира Независниот синдикат во кој членува ССКЛ, а не подружницата на контролорите на летање.
Миомир Серафиновиќ
