Во текот на вчерашниот ден, во неколку градови во државата биле евидентирани поединечни случаи со наводи за изборен поткуп. Настаните се забележани во Основните јавни обвинителства во Велес, Прилеп, Крива Паланка и Свети Николе, а по нив се постапува по насоки на јавните обвинители со цел да се испитаат наводите и утврди дали постојат елементи на кривично дело.
Согласно информациите добиени од јавните обвинителства низ целата држава, изборниот ден од Локалните избори 2025 година досега поминува генерално мирно и без поголеми нарушувања на изборниот процес. Од почетокот на гласањето утрово, до обвинителствата и на посебната електронска адреса [email protected] не се пријавени инциденти или неправилности кои би имале елементи на кривично дело.
Јавен обвинител од ОЈО Струмица бил усно известен за погрешно испечатени гласачки ливчиња во Ново Село, по што билa и известена е Државната изборна комисија да го замени материјалот. Сепак, во овој случај не се утврдени елементи на кривично дело.
Покрај тоа, има неколку информации во однос на можни прекршувања на изборниот молк, но нивниот број е мал и досега не е утврдено дека има случаи со кривично-правна одговорност.
Привремената Комисија на Јавното обвинителство за следење евентуални изборни нерегуларности и денеска го следи текот на изборниот процес, а електронската адреса [email protected] останува отворена за сите евентуални пријави. Во сите основни јавни обвинителства се организирани вонредни дежурства и постои тесна координација со институциите надлежни за спроведување и надзор на изборите.
Сите пријавени сомненија за кривични дела поврзани со изборите ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет во постапувањето на јавните обвинителства.
Т.Д.
