Американскиот претседател Доналд Трамп и шефот на украинската држава, Володимир Зеленски разговараат зад затворени врати за обидите за завршување на руската агресија врз Украина.
Зеленски допатува во Белата Куќа еден ден по вчерашниот двочасовен разговор меѓу Трамп и Путин, кој американскиот претседател го оцени како многу позитивен и добар дијалог.
Трамп најави и нов самит со Путин во Будимпешта, без да ја прецизира датата на која би се одржала таа средба.
Една од клучните теми на разговорите меѓу Зеленски и Трамп ќе биде и барањето на Украина, Соединетите држави да им достават на властите во Киев ракети со долг досег Томахавк. Првично, Трамп ја најави таа можност но сега како да се двоуми, затоа што тоа би значело ескалација на конфликтот.
На денешната прес-конференција пред средбата зад затворени врати, Зеленски ја потврди заинтересираноста за американските проектили Томахавк, додавајќи дека неговата држава ќе презентира предлог до САД за потенцијална размена на технологии и опрема – американските Томахавк проектили за украинските дронови.
Во текот на војната Украина високо ја разви својата технологија и производство на дронови, спротиставувајќи и се на Русија, која се потпира и на помошта во дронови од Иран.
Н.И
