Околу 49.000 граѓани се пријавиле, а вчера на првиот ден 2.000 биле вакцинирани против сезонски грип. Бесплатни се вакцините за ранливите категории граѓани, а за останатите кои сакаат да се имунизираат ќе има обезбедено дополнителни дози кои ќе чинат по 700-тини денари. Вакцинацијата против сезонски грип се спроведува на 35 вакцинални пункта низ државата, од кои пет пункта се во главниот град.
„Во текот на вчерашниот ден вакциниравме околу 300 граѓани само во оваа поликлиника во тек на двете смени. Од 08-00 до 19-00 часот. Истиот број на пациенти, на граѓани се закажани за денеска. Се одвива во најдобар ред, нема поголем застој, си тече брзо. Се распрашуваат граѓаните дали имаат алергија на некој помошни супстанци кои се во самата вакцина, некои заболувања кои што можат да поставуваат времена контраиндикација и доколку е се во ред си ја примаат вакцината, се заведуваат електронски и си одат“, вели д-р Сања Цилевска од поликлиника Бит пазар.
А еве кои граѓани не треба да се вакцинираат против сезонскиот грип.
„Луѓе кои што имаат сериозна алергија на јајце затоа што вакцината содржи протеин на јајце. Исто така оваа конкретна вакцина што ја имаме ние сега инфлувак тетра содржи и гентамицин како помошна состојка во самата вакцина. Исто така граѓани кои што имаат сериозна алергија на гентамицин во минатото не смеат да ја примаат оваа вакцина“, вели д-р Сања Цилевска од поликлиника Бит пазар.
Со вакцината против сезонски грип денеска се вакцинираше и министерот за здравство Азир Алиу на Одделението за епидемиологија во Гостивар.
„Трендот за заштита од сезонскиот грип секоја година се подобрува што е позитивно и ние ќе продолжиме како министерство да работиме во насока на подобрување на превенција на граѓаните од сезонскиот грип“, вели министерот за здравство Азир Алиу.
Според министерството за здравство досега биле набавени рекорден број, односно 80 илјади вакцини против сезонски грип. Со бесплатната вакцинација се опфатени ризичните категории население, како што се повозрасни лица над 65 години, лица со хронични заболувања, здравствени работници, бремени жени, деца на возраст од 6 месеци до 5 години, како и лицата сместени во установи за социјална заштита на стари лица и вработените во овие установи. Може да се пријават електронски преку vakcinacija.mk или преку својот матичен лекар.
Симона Петровска
