Кампања на политичките партии и на нивните лидери, не кампања за локални, туку за парламентарни избори. Вака политичкиот аналитичар Џелал Незири накратко ги оценува овие 18 дена изборна кампања во условно речено албанскиот политички кампус.
„Граѓаните се соочуваат со основни проблеми, основни проблеми за живот коишто бараат одговор, бараат одговор токму од политичарите што сега кандидираат за градоначалници и за советници и тие треба да понудат решение за тие проблеми. Но целата кампања се одвиваше според еден тек кој што како да им кажуваше или сакаше да ги убеди граѓаните дека остај ги тие проблеми што се основни секојдневни за вас, туку најголем проблем ни е некој ја поголема кауза“, објаснува Џелал Незири, политички аналитичар.
„На 19 октомври Албанците ќе зборуваат јасно – самите ќе ги изберат своите политички претставници, а не оние назначени од Мицкоски и неговата оска. Ова е наш момент на обединување, наш момент да го завериме со глас достоинството, еднаквоста и европскиот правец на државата.19 октомври е референдум на Албанците за иднината!“, посочи Арбер Адеми од Националната Алијанса за Интеграција.
Пред гласачите беа истакнати и ставовите дека по денот на локалните избори ќе следува голема промена во нивниот живот доколку се одлучат за партискиот план за работа.
„Храбар, детален и реалистичен план кој има за цел да ги трансформира нашите општини во примери за развој, транспарентност и граѓанско достоинство. На овие избори, бројот 7 не е само наш реден број на гласачкото ливче, туку е симбол на единство, ритам и континуитет. Исто како што неделата има седум дена, секој ден ќе биде работен ден за граѓанинот, за општината и за развојот“, рече Дритон Сулејмани од Коалицијата Вреди.
Според Џелал Незири политичките наративи во оваа кампања нема да помогнат. Ќе остане најголемиот предизвик – малата излезност на гласачите.
„Јас мислам дека нема да предизвика мобилизирачки ефект кај граѓаните нема да ги поттикне да излезат токму заради тоа што тие веќе ја прочитаа намерата дека за да се покријат, проблемите реалните проблеми на граѓаните – се амбалажираат се употребува некој друг наратив на која друга реторика од страна на политичките партии со цел да ги одвлече нив од тие проблеми“, изјави Џелал Незири.
На овие избори треба да се очекува рекордно низок број на гласачи, смета Незири- што нема да биде добар индикатор за квалитетот на демократија.
Александар Самарџиев
Дигитална обработка: Т.Д.
