Европската Унија ја одобри втората транша средства за Македонија во рамките на Инструментот за реформи и раст за Западен Балкан, во вкупен нето износ од 16 милиони евра.
Од овие пари, 7,4 милиони евра се исплаќаат директно во државниот буџет, додека остатокот е наменет за инфраструктурни проекти преку Инвестициската рамка за Западен Балкан.
Одлуката е донесена по позитивната оценка на Европската комисија за напредокот во реформите и исполнувањето на предусловите кои се однесуваат на демократијата, владеењето на правото, макроекономската стабилност и управувањето со јавните финансии, велат од министерството за европски прашања.
Додаваат дека оценката се базира на Реформската агенда 2024–2027, според која од вкупно 16 предвидени чекори, девет се пријавени како реализирани. Комисијата оцени дека четири чекори се целосно исполнети, меѓу кои се новите закони за сајбер-безбедност, дигитален идентитет и електронско архивирање.
T.Д.
