Францускиот премиер Себастијан Лекорну објави дека владата ќе поднесе амандман за суспендирање на пензиската реформа, за што ќе се дискутира за време на расправата за предлог-законот за буџетот за социјално осигурување на Франција во ноември.
По што ќе следува гласање од страна на членовите на Националното собрание, јави АП.
Зборувајќи за време на владината сесија, тој рече дека станува збор за суспензија, а не за дефинитивно укинување.
-„Вистинскиот интерес за суспендирање, можеби единствениот, е да се врати довербата меѓу социјалните партнери“, им рече тој на пратениците. „Оваа суспензија е можност. Или ние ќе ја искористиме и вие ќе одлучите, но ќе мора да преземете целосна одговорност за неа“, додаде тој.
Лекорну објави дека ќе го суспендира многу дебатираниот план за зголемување на возраста за пензионирање од 62 на 64 години, потег насочен кон спречување на соборување на неговата кревка малцинска влада.
По една недела политички превирања, новоименуваниот Лекорну во говор за политиката во Националното собрание изјави дека законот, водечка иницијатива на претседателот Емануел Макрон, ќе биде одложен до следните претседателски избори во 2027 година.
Денеска Лекорну е соочен со два предлога за недоверба, едната од екстремно левичарската партија „Непокорна Франција“, а другата од крајно десничарскиот Национален собир.
Двете партии немаат доволно парламентарци за сами да ја соборат владата на Лекорну, но премиерот би можел да биде отстранет ако социјалистите и другите од левицата се здружат со нив.
Б.С.
