Склучени првите договори за набавка на 100 илјади тони јаглен за РЕК Битола, и 100 илјади тони за ТЕЦ Осломеј.
Договорот за РЕК е склучен со „Протергиа енерџи“, фирма ќерка на грчки Митилинеос, кој сакаше да влезе на македонскиот енергетски пазар. Цената е 449 денари за гигаџул. Рис-инженеринг треба да испорача јаглен во Осломеј по цена од 448 денари за гигаџул.
Предвидено е во претстојната година, ЕСМ да набави уште 630 илјади тони јаглен за РЕК Битола, и уште 300 илјади тони за ТЕЦ Осломеј.
Производствената цена на струјата од увозниот јаглен е многу повисока од продажната, но ЕСМ не ископува доволно јаглен за да ги задоволи потребите. Рудникот во Кичево е затворен, затоа што е исцрпен капацитетот, а во Битола се копа недоволно и со послаб квалитет.
Од цената на увозниот јаглен меѓу другото зависи и цената на струјата што ќе ја плаќаат граѓаните. Новата цена треба да се донесе до крајот на годинава, па останува да се види колку овие набавки ќе влијаат на одлуката.
Со оглед на тоа што овие цени се пониски од ланските, не би требало да влијае на зголемување на сегашните цени. Но, ова се само првите количини, а во голема мера ќе зависи и од наредните понуди.
Во март минатата година, Протергиа склучи два договори за по 500 илјади тони по цена од 445 денари за гигаџул, но со анекс во октомври беше зголемена на 486 денари. Другиот договор за 500 илјади тони беше по 540 денари за гигаџул, а третиот од декември минатата година за 350 илјади тони по цена од 453 денари.
Јагленот се набавува во тони, но фактурите се плаќаат во зависност од калориската вредност. Оној јаглен што не ги задоволува минималните стандарди нема да биде платен.
До крајот на годинава, Регулаторната комисија за енергетика треба да донесе нови цени на струјата за граѓаните. Цената во голема мера зависи од продажната цена што ќе ја понуди ЕСМ.
Срѓан Стојанчов
Б.С.
