Куманово во изминатите две децении загубило точно 7380 жители, ако се направи споредба на бројките од спроведените пописи. А според локалните жители, токму како еден од најголемите проблеми со кои се соочува градот е иселувањето на младите. Основната причина е немањето работа и потрагата по подобра егзистенција и квалитет на живот. Некои се заминале одамна, а во Куманово останале само нивните родители.
„Нема можности. Моите деца факултети завршија и не се во Македонија. За една обична работа не ги повикаа. Отидоа зошто немаше работа во Словенија и Австрија има преку 10 години“, вели Олгица Милковска од Куманово.
„Децата ми се во странство, си отидоа бидејќи немаше работа. Сега сум сам, жената ми е почината“, вели Круме Манев од Куманово.
Помладите пак велат нема можности во градот. Не само работни места, туку и други активности кои би ги задржале во родното место.
„Најголема пречка е врработувањето и од таа причина младите бегаат од нашето општество , односно државава и сега ние треба да најдеме начин како да не се иселуваат. Има една народна изрека без млади нема ни живот“, вели Арсим Селмани.
„Економијата е таа што е. Не можеме да бидеме како некоја европска метропола, која со векови и децении одела напред, меѓутоа може да се потрудиме со некои иновации да се вклучат пообразованите луѓе кои со години се адуцирале да можат заедно да седнат и несебично да се подели тоа знаење да може сите заедно да се вклучат“, смета Ана Ефремовска, жителка на Куманово.
Факт е дека младите од Куманово се иселуваат, но тоа е проблем со кој се соочува целата држава, велат од Центарот за интеркултурен дијалог. Тоа сепак не е само од економски причини, туку се во потрага и по поподобро образование, пофункционален живот и повеќе можности. Оние млади кои се информирани сакаат да бидат активни во креирањето на младинските политики и застапување, нешто што центарот им го овозможува.
„Ние сме една од првите општини кои што кога се формираше Законот за младинско учество отворивме младински центар со поддршка од општината. Исто така има службеник за млади. Има канцеларија за млади. Започна и процесот за формирање на локален младински совет. Меѓутоа моментално што недостига е локална стратегија за млади“, изјави Јована Јордановска од Центар за интеркултурен дијалог.
Над 40 проценти од младите во Куманово или планираат или заминале во странските земји, смета извршниот директор на Националниот ромски центар, Ашмет Елезовски.
„Иднината во овој момент на младите генрации кои го завршиле успешно своето образование е на незавидно ниво, бидејќи аналзиите покажуваат дека нема некој простор сериозен за вработување, бидејќи многу индустриски гранки не функционираат во Куманово се што се прави се прави во други места“, смета Елезовски.
А Елезовски додава дека многу фактори влијаат на одлуката за иселување, но проблемот не е локален, туку глобален.
Марија Митевска
