500-тини евра прекршочна казна ќе треба да плати неврологот Игор Кузмановски кој работел без лекарска лиценца. По наредба на Министерството за здравство државните инспектори вчера извршиле вонреден надзор во Клиниката за Неврологија за да утврдат што работел Кузмановски како доктор и како директор и констатирале низа неправилности. Ги провериле и досиејата на останатите доктори на Клиниката но сите имале важечки лиценци.
- „Во врска со работата на проф. д-р Игор Кузмановски како здравствен работник без важечка лиценца за работа ќе му биде издаден прекршочен платен налог според Законот за здравствената заштита, но ќе следи и прекршочен платен налог за правното лице и за одговорно лице во правното лице, односно претходниот директор. За сите констатирани недостатоци во однос на работата на ЈЗУ УК за Неврологија Скопје, ќе биде издадено решение за наредба за отстранување на недостатоците“, велат од ДСЗИ.
Неврологот и сега веќе поранешен директор на Клиниката за Неврологија, речиси половина година работел со пациенти без лиценца за работа. Инспекторите констатирале дека од март годинава до почетокот на август годинава прегледувал пациенти на Клиниката. Тој прегледите ги вршел само додека бил доктор, кога бил назначен за в.д директор не реализирал здравствени услуги.
- „Веднаш по разрешувањето обезбедени се релевантни податоци од „Мој Термин“. Податоците укажуваат на реализирани прегледи и истите се предмет на понатамошна постапка во рамки на Министерството за здравство“, велат од министерство за здравство.
Освен Министерството за здравство, и новиот директор на Неврологија Јован Божиновски формираше комисија за да го истражи случајот. Членовите ќе имаат обемен материјал, а ќе го разгледуваат работењето на доктор Кузмановски и во периодот кога тој останал без лиценца и перидот кога имал важечки документ за да работи со пациенти. Од Клиниката очекуваат првичните информации и податоци да ги имаат за еден месец.
Случајот го истражува и Лекарската комора. Но, неврологот иако немал лиценца за работа имал факсимил. Од Фондот за здравство појаснија дека тој му бил издаден уште во 2010 година кога Кузмановски имал право на работа. Од тогаш до денес, немало измени во системот за Фондот да ја промени фактичката состојба.
По компромитирачката видео снимка министерот Азир Алиу го разреши Кузмановски и на негово место го назначи Јован Божиновски. Но освен промената на директорската позиција Алиу најави и промени во системот кои би укажувале на истечена лиценца на лекарите.
Симона Петровска
Б.С.
