Државната изборна комисија (ДИК) започна со достава на изборниот материјал до општинските изборни комисии (ОИК). Денеска и утре се доставува недоверливиот материјал, а потоа согласно упатствата истиот се распоредува за достава до избирачките одбори, пред денот на гласањето. Во четврток и петок ќе се врши достава на доверливиот изборен материјал, по утврден план и процедури и под постојано обезбедување од страна на МВР.
„Во четврток ќе бидат доставени избирачките списоци и сите гласачки ливчиња до сите општински изборни комисии, додека во петок ќе бидат доставени уредите за биометриска идентификација од страна на нас, како членови на ДИК. Исто така, материјалот ќе биде соодветно чуван и обезбедуван и пред денот на гласањето и после гласањето. Транспортот повратно до општинските изборни комисии и до Државната изборна комисија исто така ќе биде под надзор и обезбедување на Министерството за внатрешни работи“, најави Борис Кондарко, претседател на ДИК.
На денот на изборите, на секои два часа ќе се соопштува излезноста на гласањето по општини. Неофицијалните резултати од гласањето добиени по електронски пат ќе се објавуваат тековно и во живо вечерта на 19 октомври.
„Вечерта во понеделникот, Државната изборна комисија ќе ги објави и првичните официјални резултати врз основа на писмените оригинални записници од секое избирачко место и од секоја општинска изборна комисија“, додаде Кондарко.
Локалните избори што ќе се одржат в недела на 19 октомври ќе ги следат 1.341 набљудувач, од кои 700 домашни и 639 меѓународни, како и двајца странски новинари.
Петар Догов
