Вести Македонија Топ вести

Пелегрини: Унијата не може да си игра со довербата на Македонија

Европската унија (ЕУ) треба да каже дали е правична кон Македонија или сака да го одолжува нејзиното евроинтегрирање. Ова е ставот на претседателот на Словачка, Петер Пелегрини, кој од Скопје упати отворена критика до Унијата за новите услови кои постојано се поставуваат до Македонија и како што ги нарече, двојните стадарди кои се применуваат кон земјава и оти Унијата не може да си игра со довербата на Македонија.

„Се согласувам со кажувањето дека пристапниот процес треба да се заснова само на исполнувањето на критериумите и дека ниту една земја не треба да го злоупотребува тоа само за да може да се занимава со сопствените прашања и притоа да го забавува вашиот процес на пристапување, што е речиси еден вид на уцена“, изјави Петер Пелегрини, претседател на Словачка.

Пелегрини дури предупреди дека ќе има земји кои ќе играат политички игри со пристапувањето.

„ЕУ си игра со напорите на оваа земја и треба да биде свесна дека овој процес на проширување е жив и земји како оваа имаат потенцијал да преговараат поглавје по поглавје. Јас сум многу позагрижен за тоа дека пристапувањето на овие земји нема да се заснова на нивното техничко ниво на подготвеност, туку само ќе се играат некој геополитички игри со нив и дека во ЕУ ќе има земји кои ќе играат политички игри, се со цел да го попречат пристапувањето“, рече Пелегрини.

Пелегрини прашан како Словачка гледа на барањето на некои европски земји за носење на одлуки во ЕУ со квалификувано мнозинство, рече дека Братислава внимателно му приоѓа на тоа прашање, бидејќи Словачка како мала земја сака да го задржи правото на вето, а со тоа и правото на еднаков глас со големите земји.

Претседателката Гордана Силјановска Давкова, која беше домаќинка на Пелегрини, пак, повтори дека Македонија очекува нејзиниот пат кон ЕУ да се води само според копенхашките критериуми.

„Проширувањето мора да се темели на копенхашките критериуми од кои не треба да бегаме, значи да е засновано на заслуги и да е засновано на резултати. Да не зависи од дополнителни ирационални политички условувања коишто на некој начин го узурпираат процесот на евроинтеграцијата“, рече Силјановска Давкова.

И двајцата претседатели ги кажаа своите очекувања од утрешната посета на претседателката на Европската комисија, при што Пелегрини смета дека тоа ќе биде позитивна посета за земјава, додека Силјановска Давкова очекува на неа да бидат отворени и прашањата за односите со Бугарија.

Тамара Грнчароска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

Алиу на панел-дискусија во Гостивар: Ќе бидам првиот што ќе се регистрира како органодарител

Дејан Дејан

Потпишан Договор за воспоставување заеднички гранични премини меѓу Македонија и Албанија

Дејан Дејан

Утре нов протест во Кочани – родителите на 63. загинати ја бараат вистината и правдата

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе