Пожарот во Кочани од март годинава ја однесе 63-тата жртва. По седуммесечна борба со повредите од пожарот, утринава во болница во Скопје почина фронтменот на ДНК Владимир Блажев – Панчо.
Негови колеги на социјалните мрежи се простуваат од познатиот музичар. Панчо е осмиот член на бендот ДНК, кој настапуваше во дискотеката Пулс на кобната вечер на 16 март, кој почина од последиците од пожарот. Само двајца членови на бендот преживеаја. Родителите на загинатите изразија сочувство за неговата смрт. Велат дека како родители кои ја почувствувале најголемата болка од губење дете, знаат каква тага е тоа.
„Почивај во мир, Панчо. Нека ти е светол патот до Царството Небесно. Пренеси им поздрав и порака на нашите ангели дека засекогаш ќе останат во нашите срца. Ние нема да молчиме – правдата мора да дојде“, објави Здружението на граѓани 16 март на Фејсбук.
Во меѓувреме, се чека датум за почеток на судењето за пожарот во дискотеката Пулс во Кочани. Родителите на загинатите почнаа со секојдневни блокади на улиците во Кочани по еден час до почетокот на судењето.
Обвинети се 34 луѓе и три фирми. Врховниот суд во јуни, поради сложеноста на случајот и големиот број обвинети, одлучи да го премести судењето од Кочани во Скопје. Скопскиот Кривичен суд на 3 октомври во целост го прифати обвинението. Случајот е распореден кај судијката Диана Груевска-Илиевска. Панчо беше еден од осомничените, но истрагата против него беше привремено прекината.
„Јавното обвинителство ќе издаде наредба за обдукција на лицето за кое постапката беше времено прекината токму заради здравствената состојба“, велат во Обвинителството.
Паралелно, во Јавното обвинителство за гонење на организиран криминал се води истрага против 30 полициски службеници, кои се товарат дека како службени лица вработени во СВР Штип и во полициската станица во Кочани не направиле целосна и детална проверка за издавање согласност за добивање лиценца за „Пулс“, во делот на безбедноста во сообраќајот и јавниот ред и мир.
Првично во истрагата беа осомничени седуммина полицајци, а во април таа беше проширена со уште десетмина. Уште 13 полицајци беа осомничени во јуни годинава. Еден од осомничените, пензиониран полицаец, почина вчера.
Истрагата за случајот ја следат низа контроверзии – родителите на загинатите обвинуваат дека не се опфатени сите виновници чии постапки доведоа до трагедијата, адвокатите тврдат дека обвинението е со фалинки, што доведе до преписка меѓу Обвинителот Љупчо Коцевски и Адвокатската комора.
Срѓан Стојанчов
