Вести Македонија Најважни

Неврологот Кузмановски шест месеци работел без лиценца за работа

Неврологот и сега веќе поранешен директор на Клиниката за Неврологија Игор Кузмановски, повеќе од шест месеци работел без лиценца за работа. Од лекарската комора објаснуваат дека лиценцата му истекла уште на 15-ти март годинава, а тој дури минатата недела поднел барање за нејзино продолжување. На страницата на Лекарската комора каде што се објавени списоците на лекарите кои располагаат со лиценца за работа, името на Кузмановски не фигурира. Министерот за здравство Азир Алиу најави стручни комисии и надзор кои ќе го испитаат случајот.

„Прво да видиме дали постапил и колку пациенти има прегледано овој период, процесирани, понатаму да ги провериме кој тип и каков тип на услуги и понатаму вториот чекор ќе биде стручна комисија“, вели Азир Алиу министер за здравство.

На местото на Кузмановски министерот Алиу денеска го назначи Д-р Јован Божиновски, специјалист невролог и асистент на Mедицинскиот факултет за нов в.д директор на Клиниката за Неврологија. Уверува дека установата ќе функционира непречено и најави дека ќе формира комисии кои ќе вршат стручен надзор за работата на претходниот директор.

„На моја иницијатива од денес ќе се формираат две комисии, тоа се интерни комисии на клиниката со кое што ќе се иницира внатрешен стручен надзор на работата на претходниот директор во период од 12 месеци со цел да се направи една објективна проценка за квалитетот на услугите и стручните препораки кои што ги давал докоторот. Ќе се поведе и дисциплинска постапка секако, меѓутоа ќе го почекаме и извештајот на ДСЗИ и стручната комисија на МЗ за да не избрзуваме бидејќи се наоѓаме во еден сензитивен период“, вели Д-р Јован Божиновски в.д. директор на Клиниката за Неврологија.

За вчера пласираната поддршка од колегите од клиниката за Кузмановски,новиот директор вели дека не доаѓа од стручниот колегиум, кој воопшто не се состанал деновиве, туку дека тоа е направено од неколку нивни колеги, кои самоиницијативно и непотпишани ја доставиле до јавноста.  Сепак тврди дека за Кузмановски до сега не стигнала ниту една поплака од пациенти.

„Стручниот колегиум се знае како се свикува и сите тие одлуки се води соодветен записник во присуство и на правно лице, така што ова е иницијатива на неколку колеги од клиниката кои што за жал не знаеме колку се, во колкав број, кои се..за тоа не можам да ви дадам одговор“, вели Д-р Јован Божиновски в.д. директор на Клиниката за Неврологија.

Пред три дена на социјалните мрежи се појави видео на кое се гледа како поранешниот директор на Неврологија, во чинија меша бела прашкаста материја. Кузмановски пак на својот фејсбук профил се извини за постапката, наведувајќи дека се случила во момент на слабост и пред да го преземе управувањето со Клиниката. Лекарската комора го разгледува случајот и прибираат информаци и документација од надлежните институции, по што ќе донесат одлуки и мерки.

По овие случувања министерот за здравство Алиу најави нов модул во здравството, кога ќе истече лиценцата на некој доктор да се блокира неговото досие во системот. Побарале и информации за да видат колку лиценци се истечени или нивната важност е при крај.

Симона Петровска

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

1.430 загинати најнов билан на жртвите во земјотресот во Венецуела – 72-часовниот прозорец се ближи кон крајот

Дејан Дејан

Ѓоковиќ со поддршка за Ѓорческа: Македонија испишува историја на Вимблдон

Sportska Redakcija

(видео)„Kако ќе се утврди вистината ако не се прикажат доказите“, прашаа родителите на денешниот 46. „Марш на ангелите“ во Кочани

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе