Фатон Љури кој со мотор го прегази скопјанецот Југослав Николовски под неговиот прозорец кај паркот на Франкофонијата призна за делото тешки дела против безбедноста на луѓето во сообраќајот но го негираше другото дека не му укажал помош на повредениот кој подоцна почина.
- Се чувствувам виновен за сообраќајката. Не би сакал да се случи тоа. Никој не би сакал да се случи такво нешто. Големо сочувство до фамилијата. Да можам да сменам нешто би направил. За другото дело не е точно дека не сум укажал помош. Бев таму и давав помош, двајца полицајци имаше таму – Фатон Љури, обвинет.
Обвинителката рече дека вечерта на први јули Љури се однесувал несовесно и незаконски и го прегазил Николовски со мотор на пешачка патека без возачка дозвола и со неприлагодена брзина. Од ударот Николовски бил тешко повреден а и покрај лекарската помош починал
- Иако дедо Југо лежел облеан во крв обвинетиот го оставил моторот и избегал без да укаже помош на повредените, со што извршил ново кривично дело. Додека пак сопатникот на моторциклот Ибрахим Хамза, и покрај тоа што не бил тешко повреден покажал доблест и останал на местото додека да пристигне увидната екипа и итната помош – Марија Џабирова Велков, обвинителка во ОЈО Скопје.
Семејството на Николовски го следеше судењето и најави дека се приклучува кон кривичниот прогон бара оштета и очекува правда.
- Фамилијата е доста вознемирена, не сака да дава изјави за јавност. Во однос на судењето се надеваме дека правдата во Македонија ќе функционира, дека некој што направил такво дело, дело кое не може да се прости, едноставно човек да отиде да фрли ѓубре на пешачка патека на кеј, да го прегази со мотор и да избега, немаме коментар. Се надеваме дека правда ќе има – Бојан Бошковски, зет на покојниот Николовски.
За делото за кое призна вина судењето продолжува на 24-ти октомври со изведување докази само во однос на висината на казната додека за делото неукажување на помош беше издвоена постапка и ќе има судење на 11-ти ноември.
Елена Ивановска Мукоска
