Министерството за култура и туризам не постапува, а имаше доволно време да реагира, за да ги намали судските трошоци откако стигна првата пресуда на 11 септември годинава во корист на Синдикатот за култура. Ова денеска го кажа претседателката на СКРМ, откако вчера на прес извести за добиената пресуда од вкупно 800 тужби што му се закануваат на министерството за, како што велат од Синдикатот, незаконските пресметки на плати и решенија од април наваму, направени од страна на поединци во ресорното министерство. Денешната реакција на Синдикатот доаѓа по изјавата од министерството дека не добиле официјални информации за пресудата и за која институција од културата се однесува таа.
- Имало доволно време да се види пресудата, да се размисли што понатаму, да се викнат синдикатите, да се преговара бидејќи знаеме дека секоја идна пресуда носи се поголеми и поголеми финансиски импликации. Имајќи предвид дека Синдикатот веќе поднесува и нови тужби, а тие се за парично побарување на разлика во плата, кажа Вера Атанасовска, претседателка на СКРМ.
Со порасотот на минималецот во март, вработените во институциите од културата требаше да добијат 8, 5 % повисоки плати, согласно колективните договори за култура и за јавен сектор и Законот за работни односи. Но, тие добија за 3% пониски примања со кратење од 10-те % што требаше да ги добијат согласно Колективниот договор за јавен сектор. Во пресудата што ја лиферуваа од Синдикатот се вели дека во министерството го пресметале зголемувањето од 10% согласно Колективниот договор за јавен сектор како разлика , добиена во септември 2023 година. А, тоа зголемување треба да се додаде на основната бруто плата. Затоа од Синдикатот повикуваат да не се игнорира проблемот и да седнат на маса, за заедничко изнаоѓање решение. Во спротивно, најавија продолжување на правната битка и барање одговорност за оштетениот буџет.
Зошто ресорното министерство не реагира благовремено за да ги спречи финансиските импликации врз буџетот, зошто го игнорира проблемот и по првата добиена пресуда во корист на СКРМ и дали ќе имаат средба со преставници од Синдикатот, се прашањата кои денеска ги упативме до Министерството за култура и туризам. Но , засега од таму молк.
Сотир Трајков
Б.С.
