Менаџерскиот тим на М-НАВ реагираше до јавноста по најавите за штрајк и евентуално „затворање на небото“ на 20 и 24 октомври, нагласувајќи дека контролата на летање како дел од критичната инфраструктура не смее и не може да запре, поради ризикот по безбедноста на патниците, екипажот и воздушниот сообраќај.
Од компанијата велат дека го признаваат правото на синдикалните организации да организираат штрајк, но предупредуваат дека секоја форма на протест мора да се одвива со долично ниво на ангажман на персоналот, за да не се загрози безбедното управување со воздушниот сообраќај.
Ваквата реакција доаѓа по најавата на контролорите на летање во М-НАВ дека ќе спроведат штрајк на 20 и 24 октомври, поради неисполнети барања од менаџментот, што може да доведе до целосно затворање на македонското небо.
Струковиот синдикат бара запирање на партиски вработувања, нови огласи за стручен кадар и ангажирање независна агенција за анализа на потребите.
Најавија и дека штрајкот ќе продолжи секој понеделник и четврток, доколку не се постигне договор.
Б.С.
