Вести Македонија Топ вести

Македонија не добива многу – Дури и да се укине ветото во преговорите, останува при влез во ЕУ

Ниту е веројатно дека ќе се случи во скоро време, ниту Македонија би добила нешто посебно од тоа. Ова е оценката на Симонида Кацарска од Институтот за европска политика за иницијативата за техничките прашања во процесот на проширување на ЕУ да се одлучува со квалификувано мнозинство наместо едногласно. Со тоа би се укинало ветото во текот на преговорите, а ќе остане само на крај, при прием на нови членки во Унијата.

Германија и Словенија уште минатата година доставија нон пејпер, кој предвидува одлуките во процесот за проширување да се носат ако ги поддржат 55 отсто од земјите членки, ако во нив живее 65 отсто од населението во ЕУ. Ветото останува за одлучувањето за почеток на преговорите и за прием на нови членки во Унијата. 16 од 27 членки на ЕУ веќе ја поддржуваат иницијативата. Како компромис се предлага мнозинство од 65 отсто од земјите членки во кои живее 72 отсто од населението.

Во ЕУ веќе има дебата за ова прашање, но согласност не е постигната. Прашање е зошто, особено помалите членки на ЕУ би прифатиле вакви промени, со кои ќе им се намали моќта на одлучување. Кацарска вели дека ветото во текот на преговорите го користеле и големи членки како Франција против Обединетото Кралство уште во 70-тите. Дебатата се засили по блокадите на Унгарија за Украина, но ЕУ е далеку од согласност за ова прашање.

„Тешко е да видиме сценарио во кое сите ќе се сложат дека начинот ќе се промени. Всушност, прашање е и дали треба формална одлука, бидејќи овие делови од проширувањето всушност и не се регулирани формално во ЕУ, освен тоа што знаеме дека е потребна едногласност за крајот, односно за да се изгласа членство во Унијата, коешто треба да биде верификувано и во Европскиот парламент. Несомнено дека овие дискусии се забрзаа во последно време, појавни се дискусиите за ова прашање, меѓутоа не би подгревала надеж дека ова би се случило на краток рок и дека дел од државите членки би се согласиле“, вели Симонида Кацарска, Институт за европска политика Скопје.

Таа смета дека, дури и ЕУ да се согласи на ваквите промени, Македонија не може да добие многу. Процесот може да биде побрз, зашто и македонската администрација ќе биде помотивирана да ги сработи реформите, но ветото само ќе биде одложено за подоцна.

„Ние видовме во случајот со Албанија дека и со тековниот начин на одлучување преговорите може да се движат многу брзо. Отворањето на нивните кластери беше исклучително брзо во текот на оваа година. Мислам дека е многу несериозно дека можеме да станеме членка на ЕУ со активно противење на една држава членка“, вели Кацарска.

Според неа, најважното нешто во моментов е креирањето притисок врз државите коишто блокираат, а во фокусот е Унгарија и нејзиното блокирање на Украина, е не ние. Дебатата за укинување на ветото при одлучувањето во ЕУ е дел од пошироката дебата за зголемување на ефикасноста на Унијата. Уште во 2023 година, седум земји од ЕУ – Белгија, Германија, Луксембург, Романија, Словенија, Холандија и Шпанија, предложија поголема употреба на квалификуваното мнозинство при носењето одлуки поврзани со заедничката надворешна и безбедносна политика на Унијата.

Срѓан Стојанчов

© 2020 Телевизија Телма. Сите права се задржани. Овој текст не смее да се печати или емитува, во целина или во делови, без договор со Телевизија Телма.

Поврзани содржини

„Здрава котлина“: Одлуката за спојување на концесиите за рудниците е донесена на незаконски начин

Дејан Дејан

Лефков: Филипче повторно ја избра Бугарија пред Македонија

Дејан Дејан

За Иран американскиот напад е дивјачко кршење на повелбата на ОН

Дејан Дејан

Користиме колачиња на нашата веб-страна за да ви го дадеме најрелевантното искуство со запомнување на вашите преференции и повторни посети. Со кликнување на „Прифати“, вие се согласувате да се користат колачиња. Прифати Прочитај повеќе