Од утре Македонија и официјално се приклучува кон Единствената област за плаќање во евра СЕПА, што значи дека граѓаните и компаниите ќе можат да вршат плаќања во евра на ист начин како и во земјите од Европската унија.
Придружувањето овозможува значително намалување на трошоците и времето за трансакции во евра.
Плаќањата во евра ќе бидат околу шест пати поевтини и побрзи.
На пример, трансакција од 500 евра, која досега чинеше околу 1.600 денари, од утре ќе чини само 260 денари, соопшти гувернерот на Народната банка, Трајко Славески, преку објава на платформата „Х“.
Со одлуката на Европскиот совет за плаќања од 6 март годинава, нашата земја стана членка на СЕПА, со што се отвора можноста домашните банки да се приклучат кон европските платежни шеми кои опфаќаат 40 земји.
Б.С.
