Се затвора дел од рудникот за јаглен во ТЕЦ Осломеј. Од ЕСМ тврдат дека тука повеќе нема да се прави ископ затоа што целосно биле исцрпени резервите. Уште во мај поднеле барање за раскинување на договорот за концесија.
Земјиштето од овој сегмент од рудникот во наредниот период ќе биде предмет на рекултивација со можност за изградба на нови капацитети за производство на електрична енергија од обновливи извори, се вели во дописот од ЕСМ
Од компанијата велат кога ќе работи централата, јаглен ќе се обезбеди од местата во рудникот каде ќе продолжи да се прави ископ, но и ќе се купува.
Во меѓувреме преку два отворени повика ЕСМ бара над милион тони јаглен за период од една година. За РЕК Битола се бараат 730 илјади тони, за Осломеј 400 илјади тони.
За сега е реализирана една набавка од 100 илјади тони за централата во Кичево од фирмата РЕС Инженеринг. За Осломеј имало уште две понуди. Едната е одбиена, другата се разгледува.
Исто и за РЕК Битола понудите за набавка на јаглен се во фаза на евалуација. А во тамошниот Брод Гнеотино копа фирмата Топлина подмоље кој беа подизведувачи на Марковски со кои пак новото раководство го раскина договорот за ископ со образложение дека не ги исполнувале обврските.
Домашните рудници одамна во целост не можат да ги задоволат потребите од јаглен за производство на струја.
Производната цена на ЕСМ според последните пресметки е околу 135 евра за мегават час. На РЕК се движи околу 120. Од централите ТЕЦ Неготино и Осломеј е уште повисока. Но, за домаќинствата ЕСМ на универзалниот снабдувач му ја продава по далеку пониска цена од 62 евра за мегават час.
Токму ваквата разлика беше една од точките во последниот извештај на ревизорите. Во документот беше наведено дека ако продолжи ЕСМ да продава струја по дампинг цена, државната компанија ќе се соочи со колапс.
Ирена Чачкова
Б.С.
