Значителен раст на електронските плаќања во споредба со истиот период лани, покажуваат бројот на платни налози кои ги презентира НБРМ. Во вториот квартал годинава бројот на извршени електронски наплати е зголемен за 9%, а нивната вредност пораснала за 20,9%.
Особено е изразен растот на плаќањата преку дигитални канали, каде трансакциите се зголемени за 18,6%, а вредноста за 28,3%. Мобилните апликации се најчесто користениот канал за дигитални плаќања, при што 71,3% од сите дигитално иницирани трансакции се реализирани токму преку мобилен телефон.
Овој тренд укажува на зголемена доверба и навика кај граѓаните да извршуваат финансиски обврски со неколку клика, без посета на шалтер. Паралелно со тоа, расте и користењето на платежни картички, бројот на картични трансакции е зголемен за 8,4%, а нивната вредност за 11,4%. Најголемо влијание има порастот на онлајн купувањето додека раст бележат и плаќањата во физичките продавници.
T.Д.
