Гитарскиот виртуоз Курт Розенвинкел, кого Ерик Клептон го нарече „гениј“, за првпат ќе настапи во Скопје заедно со Националниот џез оркестар. Концертот ќе се одржи вечерва ( 1 октомври 2025 година) во Националната опера и балет, под диригентство на маестро Владимир Николов.
Веќе три децении, Розенвинкел ја обликува современата џез-сцена со својот препознатлив стил и музичка длабочина. Од првите настапи во Њујорк во 1991 година, тој се издигна како вистински иноватор, создавајќи албуми кои инспирираат генерации музичари и љубители на џезот ширум светот. Според The New York Times, со само неколку ноти, Курт Розенвинкел кажува повеќе отколку многумина гитаристи што постигнуваат за цела кариера. Непоколеблив истражувач кој зазеде единствено место во светот на џезот со својата сложена и суптилна визија.
Неговата музика остава неизбришлив белег во историјата на гитарската уметност, а неговите живи настапи пленат со виртуозност и емоција. Фановите често велат дека Курт „ја оживува гитарата на начин што остава без здив“.
Во рамки на концертот ќе бидат изведени авторски композиции на Курт Розенвинкел, аранжирани за биг-бенд оркестар.
