Министерството за култура и туризам во септември во тековната година за наредната година објавува годишни конкурси за финансирање на проекти од национален интерес по одделни области и активности од културата.
„Годишните конкурси за 2026 година содржат услови за учество на конкурсите, критериуми и мерила врз чија основа ќе се врши оцена на проектите, процент на учество на Министерството во финансирањето на проектите, рок за доставување на пријавите и други информации. Право на поддршка на конкурсите имаат правни лица регистрирани во Република Северна Македонија во согласност со закон и физички лица, државјани на Република Северна Македонија“, соопштуваат од министерството.
Целта на конкурсите е афирмација и унапредување на културата во сите уметнички области и дејности, презентација и промоција на македонската култура и на културата на заедниците надвор од Република Северна Македонија, поттикнување на креативноста во творештвото, поддршка на врвните уметници и препознавање на перспективните млади уметници, обезбедување заштитата и одржлив развој на културното наследство.
Според Министерството за култура и туризам, годинава, со цел реално евалуирање на проектите и соодветна распределба на средствата, минималната граница за прифаќање на проектите е поместена од 51 бод на 40 бода, а максималните износи на средства за поддршка по одделни видови проекти се зголемени. Исто така, креирани се и нови видови проекти како резултат на иницијативи и креативни концепти на корисниците.
Конкурсите информативно се достапни на веб-страницата на Министерството за култура и туризам www.kultura.gov.mk, a аплицирањето и оваа година се врши исклучиво електронски, преку Националниот портал за е-услуги: www.uslugi.gov.mk. Проектите заедно со бараната конкурсна документација треба да бидат поднесени електронски на системот за е-услуги најдоцна до 31 октомври 2025 година до 15:30 часот.
За сите дополнителни информации во врска со обрасците, можете да се обратите до Министерството за култура и туризам, до соодветното одделение.
https://kultura.gov.mk/…/konkurs-za-godisna-programa
Дигитална обработка: Б.С.
